Дом на културата

Домот на културата “Димитар Беровски“-Берово е единствената институција од областа на културата и главен двигател на сите случувања

од областа на културно забавниот живот во општина Берово.

По ослободувањето во 1946 година за потребите кои се наложувале во Берово бил формиран “Работнички универзитет“ и “Народна библиотека“. Се организирале вечерни школи за описменување на населението, разни курсеви за потребите на работните организации, се одржувале предавања и трибини за општествено политичките односи и случувања во земјата. Преку “Работничкиот универзитет“ кој го добил името Моша Пијаде, делувале и фолклорни групи и поединци кои по повод на значајни државни празници настапувале во Берово и населените места во општината, а сосема ретко и надвор во другите градови во Македонија.
Покасно во составот на Работничкиот универзитет “Моша Пијаде”, било отворено и првото кино во Берово. Кино “Малеш“ како што било именувано најпрвин почнало со работа во старата сала “Соколана” како што била наречена пред војната, а тогаш преименувана во “Партизан”. Во 1953 година со доброволан работа “ангарија” била изградена кино сала, која и денес постои, а во која покрај ретките кино престави се одржуваат и концерти, театарски престави и други слични манифестации.
Кон крајот на шеесетите години било отворено првото јавно гласило во општината “Радио Берово” кое во составот на Домот работи до крајот на седумдесетите, кога се оделува и работи како самостојно правно лице.

 

Во 1971 година тогашните делегати во општинското собрание донеле одлука со која тогашниот “Работнички универзитет Моша Пијаде” се трансформира во Дом на култура “Димитар Беровски” Берово. Домот на културата е именуван по  Димитар Поп-Ѓоргиев еден од најзначајните личности од Македонската национална историја, особено во втората половина од XIX век се до Илинденското востание.

Тој е роден во Берово, и затоа покасно го зема и прекарот Беровски, во познато свештеничко семејство во 1840 година. По завршувањето на црковното школо во манастирот “св. Архангел Михаил” во Берово патот го води во Одеса ( Украина ) каде се запишува на духовна семинарија, а од таму во Белград каде се запишува на воена школа. Во Белград учествува на страната на српската војска во одбраната на градот од турците. По враќањето во Берово народот го назначува за представник на црковната управа пред турските власти и е првиот народен учител. Неможејќи мирно да ги следи бурните настани во тој период што се случувале на балканот, Димитар Беровски почнува со организација на првото востание организирано во Македонија кое е познато како “Разловечко” по селото Разловци кренато 1876 година. По поразот и ранувањето на Димитар селото било запалено, востанието загушено во крв, но Беровски не се откажува од револуционерната дејност и борба за ослободување на Македонија па во октомври 1878 го крева “Македонското востание” познато како “Кресненско  востание”.

Со кадровската екипираност и по промена на суштината на работата во 1971 година се јави потреба од нови програмски содржини кои кореспондираа со потребите на граѓаните. Како матични форми на дејствување во Домот на културата, најголем акцент е ставено на :

  • · Фолклорната дејност :
    ( КУД со преку 200 членови )
    ( ансамбал “Распеани Беровчани”)
    ( квартет зурли и тапани )
    · Драмска аматерска дејност
    · Библиотечна дејност
    · Музејска дејност
    · Ликовна и галериска дејност

Домот на културата од 2005 година помина под ингеренции на локалната самоуправа, но средствата за плати сеуште ги добива од Министерството за култура, а за сите други финансиски средства потребни за реализирање на програмата изработува проекти како до Министерството за култура така и до други фондови од меѓународни институции.

Народна библиотека

Во состав на Домот на културата е и матичната библиотека “Народна просвета” како матична библиотека во Општина Берово. Како што е наведено истата е формирана 1946 која работи најпрво како самостојна, за подоцна да биде припоена кон Работничкиот универзитет “Моша Пијаде”, а по трансформацијата на истиот е вклучена во состав на Домот на културата “Димитар Беровски”. Истата на неколку пати е преместувана во разни простории, но сегашните не ги задоволуваат просторните услови во кои работи. Сместена е во две простории со вкупно 120 м².Во истите простории се читалната, работната просторија и магацински простор. Поради тоа се наметнува потребата од изградба на современа библиотека. Иницијатор за оваа е Домот на културата, а во соработка со месната канцеларија на УНДП и локалната самоуправа е одредена локација во градскиот парк. Заинтересирани за изградба на нова современа библиотека е и Финската влада која сака да го изготви проектот по пример на современите фински библиотеки. Се надеваме дека во догледно време ќе биде решен овој проект со кој ќе се реши овој проблем.Во сегашната библиотека се вработени 2 лица со високо образование, а вкупниот број на книги е околу 31.500, а 13.500 се наслови.Најголемиот број на книги се набавени со средства добиени од Министерството за култура, а помал дел преку Националната и универзитетска библиотека, донации и од сопствени средства од Домот на културата. Покрај тековната работа со примање на странки и издавање на книги, библиотеката организира и секција на млади библиотекари кои секоја година се натпреваруваат во стекнатите знаења. Исто така работи и рецитаторска секција кои настапуваат на разни манифестации и празници.
Библиотеката организира и наградни конкурси за учениците од основното и средно училиште по разни поводи, а особно за “Месецот на книгата” во октомври. Се организираат и изложби на новодобиени и книги од родно крајни автори, а се организираат и литературни читања и средби со наши познати поети и писатели.

Горе