ДАМЕ ГРУЕВ
Роден е на 17 декември во 1871 г. во с. Смилево, Битолско. Своето образование го стекнал во Смилево, Битола и Солун а потоа во Белград и Софија. Бил учител во Смилево (1891/92), во Прилеп (1892/93), коректор на печатницата на Самарџиев во Солун (1893), учител во Штип (1894/95, училишен инспектор во Солун и пак учител во Битола.
Тој е иницијатор и учесник при формирањето на ТМОРО во Солун на 23 октомври 1893 г. и е избран за секретар-касиер на Ц.К., но фактички тој е главниот раководител на организацијата во внатрешноста. Во 1897/1898 г. е интерниран од Солун во Битола. Поради таканаречената попставрева афера во Битола на 6 август 1900 г. е уапсен и осуден на 10 г. затвор. Пролетта 1903 г. е амнестиран. На Смилевскиот конгрес во април 1903 год. е избран за член на Главниот штаб на востанието во Битолскиот револуционерен округ. После востанието останува во Македонија и се зафаќа со обновување на разнишаните основи на Организацијата. Во октомври 1905 г. учествува на Рилскиот конгрес и е избран за член на ЦК на ТМОРО. Загинува на 23 декември 1906 год., во борба со турска потера кај месноста Петлец близу с. Русиново, Беровско.