Беровската котлина го опфаќа најисточниот дел од Република Македонија, помеѓу 41° 06” и 41° 53” географска ширина и помеѓу 23° 12” и 22° 37” географска должина. Општината Берово на југ се граничи со општините Ново Село, Босилово и Василево, на запад со општините Радовиш и Виница, на север со Делчево и со Пехчево, на исток со државната граница на Бугарија.
Вкупната површина на општина Берово изнесува 595 км2, а се наоѓа на 800 м просечна надморска висина.
Релјефот е претежно ридско-планински, а рамнински терени има само околу речното корито на реката Брегалница.
Клима
Општина Берово, која е дел од Малешевската Котлина, има умерено-континентална клима со модификација на климата во високите планински и рамничарски делови. Берово е град со највисока концетрација на кислород на балканот. Средната годишна температура во општината е 11,1 °С
Флора и фауна
Најзастапени се дабовата и буковата шума. Буковиот појас е застапен во планинскиот и во потпланинскиот појас. Подобро се зачувани горските букови шуми, тие се од големо значење за шумското стопанисување.
Од вкупната површина под шуми, 72,0% се во државна сопственост, а 28,0% се шуми во приватна сопственост. Вкупниот годишен сечив етат изнесува 60.300 м3 бруто дрвна маса, или околу 48,0% од годишниот прираст, или 0,85% од вкупната дрвна маса на уредените шуми.
Хидрографија
Најважен хидрографски објект во Малешевијата е реката Брегалница која е, исто така, една од најголемите притоки на реката Вардар.
Хидрографски објект од значење за општината е и Беровското Езеро. Тоа е вештачко езеро, со бетонска брана висока 53 метри и претставува хидрографски туристички објект. Се наоѓа на 986 метри надморска височина. Изградено е во 1970 година, на Ратевска Река, на месноста наречена Лаки, а оддалечено е 7 км од Берово. Должината му е 2,5 км, а средната широчина 0,5 км. Површината на езерото изнесува 0,57 км2.
Минерали и руди
За развојните можности на општината особено значајни се минералните суровини и рудите, за кои во минатото се спроведени истражувања и е констатирано дека нивната експлоатација е економски оправдана. Такви се случаите со каолинските глини, погодни за производство на керамички и огноотпорни производи, кварцот, кој наполно одговара за подготвување на огноотпорен материјал, јагленот, железото и други рудни појави, кои се делумно активни, а поголемиот дел се сé уште само потенцијално атрактивни ресурси за натамошно истражување и активирање.
Во реонот на с. Мачево и на с. Будинарци постои SiO2 (горски кристал) кој во светот се користи како украсен камен во јувелирството.