Клима
Општина Берово, која е дел од Малешевската Котлина, има умерено-континентална клима со модификација на климата во високите планински и рамничарски делови. Берово е град со највисока концетрација на кислород на балканот. Средната годишна температура во општината е 11,1 °С
Флора и фауна
Најзастапени се дабовата и буковата шума. Буковиот појас е застапен во планинскиот и во потпланинскиот појас. Подобро се зачувани горските букови шуми, тие се од големо значење за шумското стопанисување.
Од вкупната површина под шуми, 72,0% се во државна сопственост, а 28,0% се шуми во приватна сопственост. Вкупниот годишен сечив етат изнесува 60.300 м3 бруто дрвна маса, или околу 48,0% од годишниот прираст, или 0,85% од вкупната дрвна маса на уредените шуми.
Хидрографија
Најважен хидрографски објект во Малешевијата е реката Брегалница која е, исто така, една од најголемите притоки на реката Вардар.
Хидрографски објект од значење за општината е и Беровското Езеро. Тоа е вештачко езеро, со бетонска брана висока 53 метри и претставува хидрографски туристички објект. Се наоѓа на 986 метри надморска височина. Изградено е во 1970 година, на Ратевска Река, на месноста наречена Лаки, а оддалечено е 7 км од Берово. Должината му е 2,5 км, а средната широчина 0,5 км. Површината на езерото изнесува 0,57 км2.
Минерали и руди
За развојните можности на општината особено значајни се минералните суровини и рудите, за кои во минатото се спроведени истражувања и е констатирано дека нивната експлоатација е економски оправдана. Такви се случаите со каолинските глини, погодни за производство на керамички и огноотпорни производи, кварцот, кој наполно одговара за подготвување на огноотпорен материјал, јагленот, железото и други рудни појави, кои се делумно активни, а поголемиот дел се сé уште само потенцијално атрактивни ресурси за натамошно истражување и активирање.
Во реонот на с. Мачево и на с. Будинарци постои SiO2 (горски кристал) кој во светот се користи како украсен камен во јувелирството.
Население и миграции
Според пописот на населението во 2002 година, Општина Берово има 13.941 жители. Структурата на населението по пол за општина Берово е 50,4% мажи и 49,6% жени. Општината Берово има вкупно 4.706 домаќинства, со просечен број од 3,1 членови по домаќинство.
Според националната припадност, Македонците се доминантни, со 96%, 3% се Роми, а 1% останати.
Економија
Според бројот на компаниите, доминантна дејност е трговијата (со учество од 40%), потоа сообраќајот, складирањето и врските (со 13%) и преработувачката индустрија (со 12,3%), другите комунални, културни, општи и лични услужни активности (11%), хотелите и рестораните (со 7,2%), земјоделството, ловот и шумарството (со 7,1%) и останато (со помалку од 10%). Најзастапени сектори во економијата се текстилната и дрвната индустрија, како и земјоделството и сточарството, во кои е детектиран голем неискористен потенцијал. Од услужните дејности голем подем се забележува во туристичкиот сектор, кој со темпото на развој и инвестиции, во догледна иднина може да стане главна економска гранка.
Инфраструктура
Општината Берово е поврзана со два регионални патни правци кон внатрешноста на Република Македонија со:
- Р-527-Кочани-Виница-Берово-Клепало (граничен премин);
- Р-523 -Делчево-Пехчево-Берово-Струмица;
- Р-524 – Берово-Клепало (граница Р. Бугарија);
- регионалниот патен правец Р-603 – Берово-Подареш-Радовиш е во фаза на проектирање.
Сите селски населби од општината се поврзани со градот Берово, со асфалтирани локални патишта. Локалните патишта имаат вкупна должина од 36 км и 109,94 ха, од кои 14% се неасфалтирани земјени патишта. Најблиската железничка станица е на 50 км од Берово и се наоѓа во Кочани. Берово има скоро централна поставеност во однос на околните аеродроми: 170 км од Скопје, 162 км од Солун и 165 км од Софија. Најблиското пристаниште е во Солун.
Образование
Образовната структура на населението е следна:
ü 20% од населението има неоформено основно образование (тоа се претежно возрасни луѓе над 65 години и луѓе кои се здобиле со дополнителни стручни вештини);
ü 33% од населението има основно образование;
ü најголем дел, 36% од населението, има средно образование;
ü 4% од населението има виша подготовка;
ü 6% има високо образование.