Берово го одбележува Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби
Берово денеска го одбележува 3 декември -Меѓународниот ден на лицата со посеби, ден со посебен осврт на овие лица, со цел подигање на свеста за достоинството на оваа категорија граѓани и да се согледаат придобивките од вклучувањето на овие лица во секој аспект од општественото живеење.
На децата, штитеници во Дневниот центар за лица со посебни потреби, денот им го развеселија прекрасните изведби од неколку точки, кои ги подготвија децата од седмо одделение од ООУ ,,Никола Петров Русински”, кои на крајот со заедничко оро порачаа дека на лицата со посебни потреби, секогаш им е потребно посебно внимание, кое ќе даде акцент врз човекот, неговата индивидуалност и личното достоинство, а не врз попреченостa.
Целта на овој ден, е да се поттикне целокупното општество, кон разбирање и еднаквост, да се поттикнат луѓето, но и институциите да станат посвесни за правата и благосостојбата на лицата со посебни потреби, како и да се подигне свеста за Агендата за одржлив развој, која Европа ја промовира во Македонија -,, Никој во општеството да не заостане” .
Според Светската здравствена организација, се проценува дека околу една милијарда луѓе живеат со некаква форма на попреченост.
Во Република Северна Македонија се проценува дека 10 % или околу 200 000 жители се лица со посебни потреби.