Насловна Туризам Туризам Туристите привлечени од традицијата

Топло добредојде! Градоначалник на општина Берово Звонко Пекевски...

Туристите привлечени од традицијата

 

Извор: Дневник

Алтернативниот туризам е основата врз која менаџерите од хотелот „Манастир“ ги промовираат убавините на малешевскиот крај, кој ги освојува и домашните и странските туристи. Во текот на шестгодишното постоење во овој хотелски комплекс престојувале туристи од цела Европа, Кина, Австралија, а во последно време и домашните туристи се заинтересирани за алтернативниот туризам исполнет со голем број авантури низ малешевскиот крај.

Од кога постои комплексот „Манастир“ и дали од самиот почеток бевте водени од идејата да го развивате алтернативниот туризам?



- Хотелскиот комплекс „Манастир“ набрзо ќе наврши шест години од своето постоење. Идејата за развивање на алтернативниот туризам во приказната за „Манастир“ е мисла водителка. Берово и Малешевијата се протегаат на мала територија, но во нив постои уникатна комбинација од извонредно зачувана природа, културно-историско наследство, етнографија, традиционална музика и ракотворби, што е од исклучително значење за развивање на овој тип туризам. Овие елементи многу вешто ги вклучивме и ги спакувавме во нашата понуда.



Од каде идејата за ваков тип туризам. Од потребата на странските туристи или бевте поттикнати од тоа што овој крај има неверојатни еколошки карактеристики?

- Идејата за алтернативен туризам ја наметнува самиот регион. Она што ние им го нудиме на нашите гости е сместување во автентична градба, традиционална кујна со многу локални специјалитети, приготвени од екопроизводи и производи со органско потекло. На гостите им нудиме и авантура, планинарење, велосипедизам по планински патеки, лов и риболов, кајакарење на мирни води, излет со скара покрај езеро, оброк на бачило со тривековна традиција. Застапеноста на домашните и на странските гости е речиси изедначена. Имаме групни организирани посети, но и самостојни туристи. Странски туристи имаме од целиот свет, од САД, Канада, Австралија, Русија, од цела Европа, од Кина... Сепак, како организирани групи најмногубројни се холандските. Сите се презадоволни од нашата понуда, од природата, од изгледот на комплексот, од вкусот на храната, од гостопримството. Најдобар пример за тоа е што повторно доаѓаат во нашиот хотел.

Размислувате ли и на домашните туристи да им го доближите алтернативниот туризам или ним ќе им треба време за да станат свесни дека и ние имаме природни убавини, кои треба да ги чуваме и споделуваме со остатокот од светот?

- Домашните туристи се' повеќе се одлучуваат за оваа форма на туризам. Всушност, тие се навистина заинтересирани да ги откријат убавините на својата земја, а особено ги привлекува малешевскиот крај, за кој отсекогаш кружеле приказни дека е неоткриена, недопрена природна убавина која ние ја направивме достапна за нив.

Колку соодветните институции Ве поддржуваат во намерата да го промовирате овој крај преку алтернативниот туризам?

- Актуелно прашање на кое дејствуваме заедно со општината, пратеници, АППТРМ и асоцијацијата „Балканија“ е пуштањето во работа на граничниот премин Клепало“о, кај Берово кон Бугарија. Преминот од наша страна е целосно подготвен веќе неколку децении. Со отварањето на овој премин, Берово и регионот ќе добијат можност за побрз развој, како на туризмот, така и во другите сфери од животот.

Неодамна од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот добивте пофалница за најавтентично уреден хотел кај нас, а од Асоцијацијата „Балканија“ пофалница. Колку ваквите признанија Ви се мотив за понатамошна работа?

- Признанието од Агенцијата е големо бидејќи е доделено од најрелевантната институција од оваа област кај нас. А пак, од Асоцијацијата за развој на алтернативниот туризам, на ниво на осум балкански земји и Италија, од „Балканија“ добивме благодарница за поддршка во организацијата на првиот балкански форум за алтернативен туризам. Нивното поздравување на нашата работа за нас претставува стимул кон нови заложби за квалитетна понуда во духот на традицијата.

Во вашиот комплекс изворните и традиционалните моменти се одлично искомбинирани и со современите хотелиерски трендови. Неодамна го промовиравте и најновото крило?

- „Манастир“ диши во духот на традицијата. Неговата архитектура е карактеристична за стилот во кој се градени манастирите во минатото. Во ресторанот и на терасите се вградени многу етно и рустични елементи, а пак чардакот е во амбиентален стил. Сместувачкиот капацитет од 10 апартмани и 26 соби е одлика на модерна удобност и комфор. Неодамна целата понуда беше дополнета и комплетирана со отворањето на трето крило на „Манастир“, кое освен шесте ВИП-соби, содржи и ВИП-дневен престој и спа-понуда. Вака, хотелскиот комплекс стана целина во која преку нашата понуда ќе може да се релаксирате, рекреирате, уживате во гастрономските специјалитети и автентичната традиционална атмосфера. Во денешниот свет на висока технологија и интензивен, брз, динамичен начин на живот, на сите ни е потребно да ја обновиме нашата животна енергија, а ние и екотуризмот сме вистински избор за таа цел.

Светлана К. Симоновск

 

 

 

 

Анализа на состојбите во социјалната заштита и социјалното вклучување на локално нивоПолитичко акциона и правна рамка за човекови права Како локалниот развој да има влијание на ситеУПАТСТВО ЗА ДОБИВАЊЕ НА ОДОБРЕНИЕ ЗА ГРАДЕЊЕ ЗА ОБЈЕКТИ КОИ ВО  РАМКИ НА ИПАРД ПРОГРАМАТА СЕ ГРАДАТ НА ГРАДЕЖНО  ЗЕМЈИШТЕ ЗА КОЕ Е ДОНЕСЕНА УРБАНИСТИЧКО-ПЛАНСКА ДОКУМЕНТАЦИЈА

Стратегии