Насловна Туризам Туризам Форум за алтернативен туризам

Топло добредојде! Градоначалник на општина Берово Звонко Пекевски...

Форум за алтернативен туризам

[Традиционални Производи]Малешевската приказна патоказ за успешен алтернативен туризам

Source:Gestalt Solutions(2009-11-15)

Извор: emaho.com

Затскриено во падините на Малешевските планини, Берово и околината викендов беше домаќин на десетици гости, решени токму од таму да го започнат развојот на алтернативниот туризам во земјава. Иницијатор на идејата е Асоцијацијата за балканскиот алтернативен туризам - Балканија во која покрај Македонија, членуваат Бугарија, Србија, Грција, Албанија, Косово, Црна Гора, БиХ и Италија. Балканија викендов за прв пат организираше Форум за алтернативен туризам, во рамки на кој Берово е одбрано како почетна дестинација од Македонија, токму поради одличните предуслови за развој на ваквиот тип туризам.

Гостите учесници на форумот, меѓу кои имаше претставници и од соседните земји, посетувајќи го ова мало македонско градче, беа единствени во заклучоците, дека тоа безусловно ги поседува сите предуслови за развој на алтернативниот туризам. Единствен е впечатокот дека Берово заедно со Малешевијата е успешна приказна поради еколошки богатиот потенцијал, шумите, воздушната бања, гастрономската понуда, но и традиционалниот начин на живеењето на локалните жители, од кои дел се уште се занимаваат со старите занаети. „Берово има одлични предуслови да биде успешна приказна, бидејќи има амбиент со душа, одлична органска храна, автентична архитектура, музика, носии..“, истакна претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска, за време на престојот во Берово. Истакнувајќи ги убавините на целата околина, таа истовремено апелираше да не се направи грешка како што е случајот со Охрид, „кој е нагрден од градбите бидејќи без знаење се инвестира во туризмот“. Во овој контекст, Поповска но и останатите истапија со особено пофални зборови за хотелот „Манастир“ во Берово, кој без сомнение е пример за добра инвестиција во која преку спој на модерното и традиционалното се негува духот на Малешевијата. Лоциран до манастирот Свети Архангел Михаил, комплексот изобилува со етно елементи, рустичен стил, но и чардак во ориентален стил, кои целосно нудат пријатен амбиент, а дополнување е традиционалната храна, како и останатите можности за анимација на посетителите. Предиспозициите на Берово за идна туристичка дестинација, ги забележале и сопствениците на туристичката агенција Аурора, кои над Беровското езеро инвестираат во хотелски комплекс вреден четири милиони евра. Се работи за домашна инвестиција, која се очекува да прерасне во луксузна дестинација, во која меѓутоа ќе биде задржана традицијата. Присутните на форумот, разговарајќи за убавините и предностите на Берово, сепак се сложија и околу констатацијата дека во градот но и околината треба уште многу да се инвестира за ефектот да биде комплетен. Тука најпрво се мисли на проблематичната инфраструктура, која со децении не е обновена, а своевиден хендикеп е и отворањето на граничниот премин кон Бугарија, Клепало, кој одамна е завршен од македонска, но не и од бугарска страна. Токму овие забелешки беа и дел од заклучоците на Форумот на Балканија, чиј претседател Владимир Србиновски, упати апел како до локалната така и до централната власт да се ангажира околу заживувањето на регионот. Целокупниот впечаток на учесниците сепак е дека земјава треба да инвестира во развојот на туризмот. Поткрепа на ваквото тврдење е и информацијата на директорот на државната Агенција за подршка и промоција на туризмот во Македонија, Зоран Стрезовски, дека и во година на економска криза, Македонија успеала да профитира од туризмот. „Во првите девет месеци од годинава бројот на туристи во земјава е зголемен за 7,3 насто, а бројот на ноќевања е зголемен за 9,3 отсто“, рече Стрезовски.

 

 

 

 

 

Анализа на состојбите во социјалната заштита и социјалното вклучување на локално нивоПолитичко акциона и правна рамка за човекови права Како локалниот развој да има влијание на ситеУПАТСТВО ЗА ДОБИВАЊЕ НА ОДОБРЕНИЕ ЗА ГРАДЕЊЕ ЗА ОБЈЕКТИ КОИ ВО  РАМКИ НА ИПАРД ПРОГРАМАТА СЕ ГРАДАТ НА ГРАДЕЖНО  ЗЕМЈИШТЕ ЗА КОЕ Е ДОНЕСЕНА УРБАНИСТИЧКО-ПЛАНСКА ДОКУМЕНТАЦИЈА

Стратегии