Природниот амбиент го мами секој да дојде во Малешевијата
Насловна Туризам Туризам Природниот амбиент го мами секој да дојде во Малешевијата

Топло добредојде! Градоначалник на општина Берово Драги Наџински..

Природниот амбиент го мами секој да дојде во Малешевијата

Берово - мир и спокој за секого

Инес Мустафовска – А1 телевизија

09.07.2008 10:47

Сместено како во гнездо, меѓу иглолисна шума, со незаменлив мир и спокојство. Тука поврзаноста на човекот со природата е вистинска реткост во денешниот свет на еколошки катастрофи. Тоа е градот Берово.

Кога си тука имаш чувство дека се наоѓаш во тивко пристаниште некаде „на крајот на светот“, соочен единствено со себеси, небото над тебе и земјата на која стоиш.

Столетни борови, ливади и пасишта, богатство од лековити билки и шумски плодови, изворишта и реки ја красат околината на градот. Планинското сонце, чистиот воздух, еколошки здравата храна, се само дел од карактеристиките по кои се препознава Берово.

Туристичките локалитети, водните ресурси, раскошниот природен амбиент го прават Берово примамлив за сите оние кои уживаат во планинските убавини, особено во летниот период.

„Она што е особена карактеристика за Берово, тоа се локалните специфични производи, со онаа малешевска кујна којашто може да предизвика кај гостите посебно чувство. Тоа е храната којашто ја имаме, познатото беровско сирење, јагнето, сливата, компирот. Има многу шумски плодови коишто се во изобилство, прекрасен е воздухот, чиста средина“, изјави Ѓорѓи Пеовски, Туристичко биро, општина Берово.

„Мислам дека е доста освежувачки да се дојде тука, да се вдиши тој воздух, да се почувствува целата таа атмосфера и одморот сам по себе доаѓа“, додаде Пеовски.

Во непосредна близина на градот се наоѓа и Беровско езеро, кое со својата красота нуди опој за секого. На езерото има и неколку објекти, бунгалови и Детско одморалиште за туристите кои најмногу доаѓаат во летниот период, привлечени од живописната природа и чистиот планински воздух.

Беровско езеро, привлечно и гордо го мами и случајниот минувач. Тука природата не може да го сокрие својот раскош и убавина. Питома и мирна, исто колку и дарежлива, таа е мелем за очите и рај за душата.

Заради природата и климата, но и заради непостоењето на други алтернативи, жителите на Берово им се посветиле на земјоделството и на сточарството. Од земјоделството најзастапен е надалеку прочуениот беровски компир.

„Повеќето луѓе овде живеат од компири, од сточарство итн. и кој како се снајде мора да живее, а има живот во Берово. Сувенири правам, за кој ќе дојде, што сака да си купи, за да однесе поздрав од Берово. Тоа е лично моја изработка, со лични мои средства, од никаде ни денар не сум земал, кредит немам подигнато од никаде. Со мои работи се трудат и вака егзистираме во животот, цела фамилија го работиме тоа“.

„Во Берово е убаво да се живее, Берово е мирно место. Не само Берово, Малешевијата целосно е убава. Граѓаните во Малешевијата се добри луѓе, чесни луѓе, меѓутоа меѓу себе треба малку повеќе да бидеме блиски за да можеме и туризмот да го пружиме на граѓаните што сакаат да дојдат, односно на туристите“, рекоа беровчани.

И кога еднаш би имале можност да ја видите и уживате во недопрената природа на Беровскиот крај со сигурност ќе посакате да се вратите повторно.

Овде природата и боговите биле дарежливи, сета хармонија и чистина да ја сплотат во едно, секој да го пронајде своето парче душа и место каде што само шепотот на буките и боровите ќе им прави друштво. Токму затоа се повеќе посетители доаѓаат да ја видат и уживаат во оваа рајска убавина.

 

 

Анализа на состојбите во социјалната заштита и социјалното вклучување на локално нивоПолитичко акциона и правна рамка за човекови права Како локалниот развој да има влијание на ситеУПАТСТВО ЗА ДОБИВАЊЕ НА ОДОБРЕНИЕ ЗА ГРАДЕЊЕ ЗА ОБЈЕКТИ КОИ ВО  РАМКИ НА ИПАРД ПРОГРАМАТА СЕ ГРАДАТ НА ГРАДЕЖНО  ЗЕМЈИШТЕ ЗА КОЕ Е ДОНЕСЕНА УРБАНИСТИЧКО-ПЛАНСКА ДОКУМЕНТАЦИЈА

Стратегии