Од „Ловниот дом“ Берово како на дланка
Насловна Туризам Туризам Од „Ловниот дом“ Берово како на дланка

Топло добредојде! Градоначалник на општина Берово Драги Наџински..

Од „Ловниот дом“ Берово како на дланка

Само тој што бил на Јуовец знае како изгледа рајот
ИВАН БОЈАЏИСКИ - Утрински весник

Ако сакате да го допрете рајот, ама баш во секоја смисла, тогаш повелете во мотелот "Ловен дом", што гордо се усидрил над Берово, на височинката Јуовец. Сместен сред прекрасна борова шума и непрегледни, убаво негувани ливади, "облечен" во една поинаква, а сепак македонска архитектура, мотелот ви нуди се што може докрај да ги задоволи сите ваши сетила.

Овде, да си ги одморат очите и да каснат нешто ептен вкусно, доаѓаат сите: од пензионери кои со прекрасниот чист воздух сакаат да си ја исплакнат душата, до млади, романтично прегрнати двојки, кои токму тука, на просторот каде што Господ ги истурил сите дарови на природата, како современи Ромео и Јулија, си се колнат на љубов до крајот на животот.

Животот е убав!, извикал нашиот познат писател Петре М. Андреевски кога пристигнал во Малешевијата и токму тука, во познатите "брички", напишал неколку свои прекрасни репортажи.

Животот е навистина убав. И не само поради прекрасниот пејзаж каде што е сместен објектот на нашата "Стил"-приказна, туку и поради се што, освен природата, ви го нуди мотелот "Ловен дом" и неговиот бескрајно услужен персонал.

Драгица Готовска, раководителка на мотелот, туристичко-угостителски бескрајно едуцирана личност, ги дава основните информации. "Објектот, вели Драгица, располага со сала со 80 седишта и тераса на која, во еден миг, можат да се сместат 200 гости. Мотелот има вкупно четири соби - по два апартмана и две еднокреветни соби, во кои, главно, отседнуваат деловни партнери на фирмите од Берово и Пехчево, меѓу нив и бизнисмени од Турција, Германија и Грција. На посетителите што го преферираат спортот на услуга им стои игралиштето за голф. Апартманите имаат с? освен клима-уреди, зашто такви помагала тука не се потребни", вели нашата домаќинка.

Гостите најмногу уживаат да седат на неколкуте тераси за да си ги "плакнат" очите од непрегледната борова шума и огромниот зелен појас. Од нив се нуди убав поглед на цело Берово, плус некое село, па посетителите неретко посегнуваат по своите фото и ТВ-камери за да го овековечат пејзажот и на своите пријатели да им се пофалат дека престојувале во - рајот!

Да се престојува во мотелот и на Јуовец, а притоа да се праша што има за јадење, се смета за - непристојно прашање. Овде, во кујната на "Ловен дом" нема нешто што не може да ви биде сервирано. Сакате малешевско, еколошко, невино јагне - бујрум, ќе го имате. Сакате пастрмка од рибникот на, како моминска роса, бистрите води на Клепалска Река високо во Малешевските Планини - ќе ја имате. На жар печена или во зејтин пржена, како милувате. Но, пред се и над се, кога ќе ви дојде времето за ручек, прво што љубезниот Ефтим Рунтевски, во својство на шеф на сала, ќе ви понуди е специјалитетот на мотелот - ловечко раженче. Ние го порачавме, но немаме намера да ви раскажуваме какво чудо од гастрономска милина сме вкусиле, од едноставна причина што некои работи не се опишуваат, нив или лично ги примате или ги сместувате во албумот на вашите недосонувани соништа во графата "ова еднаш мора да се проба".

И кај шефот Рунтевски најбарани жестоки пијалаци (задолжително со салати во сто и една комбинација) е домашната ракија жолта, а на второ место е грчкото узо. Белите вина "александрија" и "смедеревка" на "Тиквеш" се најбарани, а меѓу црните доминираат "александрија", "темјаника" и "т'га за југ". Меѓу пивата орото убедливо го води тоа со кое "с? е можно" ("скопско"), по него е пивото што се рекламира како "згодно за фаќање" ("даб"), а се повеќе се пробива и "амстел". Се чини дека со производниот асортиман Пиварница "Скопје" ја "тепа" целокупната конкуренција, зашто и нејзините сокови се неприкосновени во триаголникот - понуда, побарувачка, уживанција.

Овде на чист воздух, прекрасна глетка, еколошки здрава храна, спортување по непрегледните трим-патеки, играње мал фудбал на зелените природни ливади, доаѓале и доаѓаат многу намерници од Скопје, Штип, Кочани, Виница, Струмица... Сите со една мисла: барем во еден викенд за миг да и се доближат на природата, таква каква што ја има во најубавите бајки.

Драгица Готовска или "шефицата", како што милуваат да ја викаат, ни предочува дека во нивниот мотел (сопственост на Шумското стопанство "Малешево") угостиле многу видни личности од Македонија. Тука на ден или два престојувале претседателот Борис Трајковски, премиерот Љупчо Георгиевски кој почесто доаѓал со членови на својата Влада, Бранко Црвенковски, Стојан Андов и сите лидери на помалите партии. И целата македонска естрада, кога гостува во овие подрачја, си ги одмора очите и си ги плакне душите на овој боговски простор.

Но, зошто уште да ви раскажуваме за "Ловен дом" и Јуовец, за "Бричките", Берово и Малешевијата? Зошто да го правиме тоа што вистински може да се доживее само ако се биде на местото на настанот. Ние ви ја дадовме насоката, а вие видете што ќе правите.

Зашто, само тој што не бил тука, не знае како изгледа рајот!

 

 

Анализа на состојбите во социјалната заштита и социјалното вклучување на локално нивоПолитичко акциона и правна рамка за човекови права Како локалниот развој да има влијание на ситеУПАТСТВО ЗА ДОБИВАЊЕ НА ОДОБРЕНИЕ ЗА ГРАДЕЊЕ ЗА ОБЈЕКТИ КОИ ВО  РАМКИ НА ИПАРД ПРОГРАМАТА СЕ ГРАДАТ НА ГРАДЕЖНО  ЗЕМЈИШТЕ ЗА КОЕ Е ДОНЕСЕНА УРБАНИСТИЧКО-ПЛАНСКА ДОКУМЕНТАЦИЈА

Стратегии